Print

"Разоткривање"

 

“Разоткривање”/"Divulgence"

Уметникот Владимир Лалиќ, кој твори и живее во Белград, навлегува длабоко во човековата природа и таму ги открива најскриените својства, тајни и несовршености кои го претставуваат вистинското, грдо лице на современиот човек. Неговиот уникатен пристап кон цртањето му дозволува да креира различни, контемплативни дела и постојано да експериментира. Претставени во изложбата со навестувачки назив, „Разоткривање“, неговите најнови дела продолжуваат да ја истражуваат грешноста на душата и воведуваат нови елементи, како во смисла на изведбата, така и во смисла на формата.

Развивајќи целосно, тематски кохезивно дело, Лалиќ создал низа цртежи, колажи и дела со мешани медиуми, кои покажуваат постепено изострување на неговиот необичен визуелен јазик. На централно место во неговото дело секогаш има портрет, но тој не портретира некаква надворешна сличност. Тој го доловува внатрешниот лик, оној кој обично е покриен со слоеви општествено прифатливи маски кои сите сме принудени да ги носиме.

Меѓутоа, тоа што го открива Лалиќ не е само генеричка, универзална слика на оној Доријан Греј кој се крие во секој од нас. Напротив, тоа што го открива се жестоки, аналитички скици на различни архетипски личности направени врз слоевите слики од неговата лична иконографија. Мотивите кои се повторуваат - мувите, очите, иглите, стапалата, гениталиите и сексуалните референци, се видливо присутни во неговото дело и се многузначни во секоја сцена. Тие означуваат посебна карактеристика или алудираат на неа, како на пример, гнилеж, изопаченост, различни фобии, воајеризам или условување. Штедливото користење боја, најчесто црвената, помага да се идентификуваат главните карактеристики во една композиција и го насочува фокусот кон нејзината срж. Таквиот пристап ѝ овозможува на вештината на Лалиќ да засвети, да се перчи преку различните текстури, големини и облици конструирани со артикулирана линија.

Гледајќи го целиот уметнички корпус кој Владимир Лалиќ го создал последниве пет години, лесно се воочува константна еволуција во неговиот израз. Наместо да следи еднодимензијална линија на развој, структурата на неговите дела се разгранува во повеќе правци, со прераснување од анализа со еден лик неговото дело во театарска сцена со повеќе ликови или со воведување на различни медиуми и материјали, како колаж и звук. Во неговите слики со голем размер, уметникот ги поттикнува своите модели да влезат во интеракција, додавајќи ново ниво на подбивање во призорот што може да се прочита како скрупулозен општествен коментар.

На друго ниво, Лалиќ претставува сосем нова серија на мултимедијални слики-објекти со спојување на графика, цртеж и звучни ефекти. Водени од доминантната идеја да го разоткријат скриеното во нас и создадени од експериментирањето со материјали, овие дела се олицетворени на идејата на авторот за дуалитетот или тројството скриени под месото. Парче плексиглас со впечатлив цртеж е ставен на графичка, замрачена позадина, дозволувајќи малиот простор помеѓу да создава сенки, додека двата дела се подредени само од еден агол. Крајно симболичкото визуелно поклопување е дополнително потенцирано со звучната заднина која уметникот ја снимил мешајќи го својот глас со различни ефекти. Така, тие елоквентни дела добиваат нов, органски квалитет, цел концерт на какофонична примитивна мелодија која го вовлекува гледачот во агонијата разголена со сликата. Додавајќи уште еден физички слој на своето веќе слоевите дело, Лалиќ прави храбар обид да ја компримира идејата за човековото постоење во еден болен конструкт филтриран низ призмата на неговото сопствено искуство.

Беспоштедно критикувајќи ги внатрешните конфликти, лажниот морал, сексуалните и другите репресии, Владимир Лалиќ слика мрачна алегорија на современото општество. Сепак, овие мрачни призори не се направени да депримираат. Тие се повеќе неконформистички изјави, создадени да критикуваат и да го предупредат набљудувачот, додека истовремено го тераат да се соочи со својата слабост, да го препознае своето вистинско „Јас“ и конечно, да излезе прочистен од тој процес. 

Ана Бамбиќ Костов

Белград, јули 2018 г.

Превод

Родна Русковска